Српскиот претседател Александар Вучиќ остро реагираше на прашањата на хрватските новинари откако го искористи своето гласачко право на вонредните парламентарни избори во Србија.
Обраќајќи им се на медиумите, Вучиќ изрази надеж дека изборниот процес ќе помине во демократска атмосфера, нагласувајќи дека граѓаните одлучуваат за иднината на државата.
Сепак, ситуацијата стана напната кога новинарите од Хрватска се обидоа да му постават прашања.
„Потребно е помалку да се мешате во нашите изборни процеси и помалку секојдневно да ја навредувате Србија. Почекајте вие Хрвати, ова се српски, а не хрватски избори. Стрпете се малку, знам дека ви е важно“, изјави Вучиќ.
На прашањето на новинарот Хрвоје Зовко да наведе конкретни примери за мешањето на Хрватска, Вучиќ одговори дека е доволно да се отворат хрватските весници, портали и телевизии за да се забележат навреди, лаги и мешање во изборната кампања.
Тој беше прашан и за поддршката што ја добил од рускиот претседател Владимир Путин.
„Некој добива поддршка од Наташа Кандиќ и Соња Бисерко, а некој од Путин. Секој како што треба“, одговори Вучиќ.
На прашањето што ќе направи доколку ги загуби изборите, српскиот претседател возврати со контрапрашање што ќе направат новинарите доколку неговата страна победи.
На денешните парламентарни избори во Србија право на глас имаат над 6,4 милиони граѓани, а учествуваат 18 изборни листи. Избирачките места се затвораат во 20 часот, додека првите резултати се очекуваат во вечерните часови.
Видео:










