ПРВ.мк
Балкан

ВОВЕДЕНО НОВО ПРАВИЛО НА ПЛАЖИТЕ: Бесплатни лежалки по 17 часот веќе нема да важат за сите туристи!

ВОВЕДЕНО НОВО ПРАВИЛО НА ПЛАЖИТЕ: Бесплатни лежалки по 17 часот веќе нема да важат за сите туристи!

Летувањето на црногорското приморје оваа сезона носи нови правила кои веќе предизвикуваат реакции кај посетителите. Најголемо внимание привлече одлуката поврзана со користењето на лежалки и чадори за сонце во попладневните часови.

Според информациите на РТЦГ, бесплатното користење на плажниот инвентар по 17 часот повеќе нема да биде достапно за странските туристи. Оваа поволност сега ќе важи само за граѓаните на Црна Гора, кои ќе мора да покажат важечки документ за идентификација, како лична карта или пасош.

Претходните години правилото било поинакво – сите посетители на плажите можеле бесплатно да ги користат лежалките и чадорите по 17 часот. Но, со новите измени, странските гости повеќе не се опфатени со оваа можност.

„Граѓаните на Црна Гора од оваа летна сезона можат бесплатно да ги користат лежалките и чадорите за сонце на плажите по 17 часот, но само со покажување важечки идентификациски документ. За разлика од претходните години, оваа поволност повеќе не се однесува на странските туристи“, наведуваат црногорските медиуми.

Во изминатите недели веќе имало реакции од туристи кои се пожалиле дека им било наплаќано користење на лежалки и по истекот на терминот кога претходно биле бесплатни. Од Јавното претпријатие „Морско добро“ засега не дале дополнително објаснување за начинот на кој точно се применува новото правило.

Дополнителни полемики предизвикал и натпис поставен на една плажа во Сутоморе. На таблите стоело дека има „слободен дел од плажата“, но и порака дека оние кои претходно не изнајмиле лежалки немаат право да ги користат бесплатно по 17 часот.

Според објаснувањата, закупците на плажите претходно биле задолжени јасно да истакнат дека лежалките и чадорите се бесплатни по 17 часот за сите посетители. Сепак, новите пораки на дел од плажите создадоа забуна и незадоволство кај туристите.

Одлуката доаѓа во период кога црногорското крајбрежје е преполно со гости, а прашањата околу цените, услугите и пристапот до плажите повторно се меѓу главните теми кај туристите.