ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) РИБАРИ ОСТАНАА ВО НЕВЕРУВАЊЕ: Ајкула подолга од три метри снимена во Јадранското Море!

(ВИДЕО) РИБАРИ ОСТАНАА ВО НЕВЕРУВАЊЕ: Ајкула подолга од три метри снимена во Јадранското Море!

Необична и впечатлива глетка снимија хрватски рибари во Јадранското Море, откако во близина на островот Жирје забележале голема ајкула чија должина, според нивните проценки, надминува три метри.

Снимката набргу привлече големо внимание на социјалните мрежи, особено на TikTok, каде видеото започнало брзо да се споделува. Според првичните проценки на луѓето кои ја снимиле, се работи за мако ајкула (Isurus oxyrinchus) – вид познат по својата голема брзина, снаодливост и агилност во морето.

Мако ајкулата е распространета во тропските и умерените морски подрачја и се смета за вид кој потенцијално може да биде опасен за човекот. Сепак, нејзиното појавување во непосредна близина на брегот е релативно ретко, па токму затоа снимката предизвика голем интерес.

Во Хрватска овој вид е под строга заштита, а неговиот намерен улов е забранет. Во Јадранското Море мако ајкулите најчесто можат да бидат загрозени како ненамерен улов, односно кога случајно ќе се најдат во рибарски мрежи или на риболовна опрема.

Еден од најголемите интереси кај корисниците на социјалните мрежи предизвикала проценетата големина на животното. Некои коментирале дека ајкулата можеби не е толку голема колку што изгледа на видеото.

Авторите на снимката дополнително објасниле дека ширината на крмата на нивниот брод изнесува околу 3,8 метри, што им послужило како конкретна референца за споредување и проценка на должината на ајкулата.

Дополнително, дел од корисниците ја довеле во прашање и точната локација на снимањето, тврдејќи дека сцената можеби била снимена на отворено море, а не непосредно покрај островот Жирје.

Во уште едно видео кое било објавено подоцна може да се види како туна се обидува да избега од големиот предатор. Во позадина на снимката се слуша коментарот дека ајкулата ја нападнала туната и ја „прегризала на половина“.

Иако снимката предизвика различни реакции и дискусии на интернет, експертите потсетуваат дека присуството на вакви предатори има важна улога во морскиот екосистем.

Мако ајкулите се дел од природниот синџир на исхрана и придонесуваат за одржување на рамнотежата меѓу различните видови во морето. Нивното присуство во Јадранот истовремено покажува колку е разновиден морскиот живот во ова подрачје.

Снимката од големата ајкула продолжува да привлекува внимание, а проценката за нејзината точна должина и точната локација на снимањето остануваат предмет на дискусии меѓу корисниците на социјалните мрежи.

ВИДЕО