Нов пожар избувна денеска во областа Аспропиргос, во близина на Атина, додека пожарникарите сè уште се справуваат со последиците од големиот пожар што претходно ја зафати истата област.
Според грчките медиуми, огнот избувнал околу пладне во непосредна близина на локацијата каде што претходно горел голем комерцијален објект. На терен веднаш биле испратени 38 пожарникари со 14 противпожарни возила, кои работат на локализирање на пожарот и спречување на неговото понатамошно ширење.
Претходниот пожар избувнал во фабрика за резервни делови, при што биле повредени 11 лица. Според последните информации, тројца од повредените се наоѓаат во тешка здравствена состојба и се интубирани.
Шест лица биле пренесени во болницата „Триасио“, каде што двајца се борат за живот, тројца се здобиле со полесни повреди, а едно лице по укажаната медицинска помош било пуштено на домашно лекување.
Дополнителни пет лица биле згрижени во болница во Атика. Едно од нив е во тешка состојба и се очекува да биде префрлено на Одделот за изгореници, додека останатите четворица биле примени поради респираторни проблеми предизвикани од густите облаци чад.
Според првичните информации, пожарот во фабриката избувнал под засега неразјаснети околности. Во неговото гаснење биле ангажирани 75 пожарникари, 20 противпожарни возила и хеликоптери кои интервенираат од воздух.
Грчките власти упатија итен апел до жителите да не се приближуваат до погоденото подрачје поради опасност од токсични материи кои се ослободуваат во воздухот како последица од пожарот.
Дополнителна загриженост предизвикува информацијата дека во кругот на компанијата се наоѓа цистерна со пропан, што значително ја усложнува интервенцијата и го зголемува ризикот од дополнителни инциденти.
На местото на настанот е испратен и специјализиран истражен тим кој ќе ги утврдува причините за избувнувањето на пожарот, додека пожарникарите продолжуваат со напорите за целосно ставање на огнот под контрола.







