Силното невреме кое предизвика големи проблеми во Македонија не ја одмина ниту Албанија. По разорните ветрови што зафатија делови од регионот, особено погодени беа Саранда, Ксамил, Химара и околните подрачја, каде бурата зад себе остави сериозни материјални штети, а според локалните медиуми, животот го загубиле две лица.
Пред два дена Македонија беше погодена од силно невреме проследено со екстремно силен ветер, кој на одредени места достигна брзина до 134 километри на час. Невремето предизвика паднати дрвја, оштетени автомобили, откорнати покриви, урнати семафори и повеќе повредени лица во различни делови од земјата.
Истата временска нестабилност продолжила да се движи низ регионот, при што освен Македонија, погодени биле и делови од Босна и Херцеговина, како и Албанија.
Во албанскиот туристички регион Саранда и околните населени места, силниот ветер откорнал бројни дрвја кои паднале врз автомобили и патишта, предизвикувајќи значителни материјални штети и привремено блокирање на сообраќајот. Иако невремето траело релативно кратко, неговите последици биле сериозни.
Според информациите што ги објави Albanian Daily News, во невремето животот го загубиле две лица.
Првата жртва е 61-годишен рибар, кој бил пронајден мртов во морето во близина на Ксамил. Според првичните информации, се претпоставува дека неговото пловило било превртено поради силното разбранувано море, но надлежните институции сè уште ги утврдуваат точните околности на несреќата.
Втората жртва е 54-годишен електричар, вработен во електроенергетска компанија, кој трагично загинал додека работел на отстранување дефект на електричната мрежа во регионот Химара. Дефектот бил предизвикан од силното невреме, кое довело до прекин на снабдувањето со електрична енергија.
Освен загинатите, повеќе лица се здобиле со полесни повреди, најчесто од искршени стакла и предмети што ги носел силниот ветер.
И покрај штетите што ги предизвика невремето, локалните власти и службите брзо започнале со расчистување на теренот. Од туристичката страница „Ксамил Албанија“ на Фејсбук вчера објавија дека временските услови повторно се стабилизирани, времето е сончево, а плажите и туристичките капацитети повторно функционираат нормално и ги пречекуваат посетителите.







