За многумина ваквата понуда звучи нереално, но благодарение на специјална иницијатива, животот на мал грчки остров со целосно поинакво темпо наскоро може да стане реалност за семејства и квалификувани работници подготвени на голема животна промена.
Станува збор за островот Антикитера, сместен во Егејското Море помеѓу Крит и Пелопонез, кој нуди бесплатно сместување, обезбедена храна и месечен надоместок од 500 евра во период од три години, што изнесува вкупно 18.000 евра по семејство.
Целта на оваа програма е јасна – да се запре драматичниот пад на бројот на жители и да се оживее локалната заедница, која со години се соочува со иселување и стареење на населението, објавува „Телеграф“.
Вејн Милс, менаџер за операции во меѓународната логистичка компанија „Севен Сис Ворлдвајд“, вели дека Антикитера моментално брои само околу 45 постојани жители, што ја прави исклучително тивка и блиска заедница.
„Тие се особено заинтересирани да привлечат млади семејства кои ќе донесат нова енергија на островот. Секој што ќе одлучи да се пресели таму ќе биде топло пречекан и поддржан од локалното население“, истакнува Милс.
Програмата е осмислена како одговор на долгорочниот проблем со намалувањето на населението и одливот на млади луѓе. Поголемиот дел од сегашните жители се над 50-годишна возраст, а бројот на деца е минимален, што сериозно го загрозува опстанокот на заедницата.
Според грчката компанија „Елксис“, која се занимава со недвижности и правни услуги, иницијативата ја организирала Грчката православна црква на Китира, под чија јурисдикција спаѓа и Антикитера. Целта е да се привлечат пекари, рибари, занаетчии и семејства со деца, кои би можеле трајно да се населат на островот.
Освен финансиската поддршка, програмата нуди и практична помош – поддршка при запишување на децата во училиште, олеснета интеграција во локалната заедница, како и учење на грчкиот јазик, со цел новите жители полесно да се прилагодат на секојдневието на островот.
Иако слични програми постојат и на други мали острови во Грција, Антикитера се издвојува по своето исклучително мало население, недопрената природа и мирната средина, што ја прави идеална дестинација за оние кои сакаат едноставен, рурален живот покрај морето, далеку од градскиот метеж и стресот.

















