Бугарскиот бизнисмен, поранешен пратеник во Европскиот парламент и некогашен европски шампион во теквондо, Слави Бинев (60), бил убиен утрово во Софија, соопшти бугарската полиција. Во врска со случајот, приведени се три лица осомничени за вмешаност во убиството.
Според информациите што ги пренесуваат бугарските медиуми, Бинев бил убиен во својот дом во населбата Павлово во Софија. Полицијата ја добила пријавата за убиството околу 10:20 часот по локално време.
Медиумските извештаи наведуваат дека Бинев бил застрелан, а тројцата осомничени биле приведени на автопат. Според објавените информации, тие биле вооружени и ја познавале жртвата.
Бугарскиот медиум „Дневник“ објавува дека меѓу осомничените и убиениот можеби постоел спор од финансиска природа. Сепак, мотивот за убиството засега не е официјално потврден, а околностите на случајот треба да бидат утврдени во текот на истрагата.

Второ убиство на бизнисмен во Бугарија за помалку од еден месец
Убиството на Бинев доаѓа по уште еден случај на убиство на познат бизнисмен во Бугарија. Кон крајот на септември, Илијан Филипов бил застрелан во својот дом во Пловдив, објавија бугарските медиуми.
Слави Бинев имаше повеќегодишна кариера во бизнисот и политиката. Тој беше поранешен член на Европскиот парламент, а во минатото ја извршуваше и функцијата претседател на Бугарската теквондо федерација.
Во спортската кариера, во 1992 година ја освоил титулата европски шампион во теквондо на Отвореното европско првенство, одржано во Цеље, Словенија.
Истрагата треба да ги утврди сите околности околу убиството, како и евентуалната поврзаност на приведените лица со злосторството.









