Грчките пожарникари и денеска, втор ден по ред, продолжуваат со интензивната борба против шумскиот пожар што избувна на егејскиот остров Скирос. Огнената стихија вчера принуди две помали населби да бидат евакуирани, а властите и натаму внимателно ја следат состојбата.
Градоначалникот на Скирос, Киријакос Антонопулос, изрази надеж дека пожарот наскоро ќе биде ставен под целосна контрола.
„Верувам дека во текот на денот пожарот ќе биде целосно изгаснат“, изјави тој за грчката државна телевизија ЕРТ.
Според градоначалникот, денеска ниту едно населено место не било директно загрозено, но поради сериозноста на ситуацијата на островот биле испратени дополнителни пожарникарски сили од соседните области.
На терен се ангажирани околу 100 пожарникари, а во гаснењето помагаат и речиси десетина авиони и хеликоптери. Специјализирани единици користат и механизација и багери за пробивање пристапни патишта низ тешко достапниот терен.
Претседателот на здружението на противпожарни офицери, Костас Цигас, порача дека клучно е пожарот што побрзо да биде ставен под контрола.
Силниот ветер што дувал во текот на ноќта дополнително ја отежнувал ситуацијата, но откако ослабнал во раните утрински часови, противпожарните авиони повторно можеле да се вклучат во операцијата.
Пожарот предизвикал голем облак чад, кој вчера вечерта бил забележлив дури и над Атина. Во неделата околу пладне чадот повторно бил видлив, а според извештаите доаѓал од централниот и северниот дел на островот.
Скирос се наоѓа на околу 110 километри североисточно од Атина и е планински остров во Егејското Море, дел од архипелагот Споради. На островот живеат околу 3.000 жители, а неговата површина изнесува околу 209 квадратни километри.
ВИДЕО








