Несекојдневна и за многумина застрашувачка глетка е забележана на дрвјата долж брегот на реката Зета, во близина на местото Спуж во Црна Гора. На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледаат поголем број змии како висат и лежат на гранките директно над водата, што веднаш го привлече вниманието на минувачите и јавноста.
Снимката е објавена на популарната Инстаграм страница „Подгорички времеплов“, каде брзо стана вирална и предизвика лавина од коментари.
„Ваквите призори не се чести, па затоа многумина останаа изненадени од бројот на змии кои се наоѓаа на гранките над водата. Доколку некој препознава за која конкретна форма или вид станува збор, нека напише во коментарите“, стои во објавата под видеото.
Авторите на објавата исто така упатија и јавно потсетување до сите кои би се нашле во близина: дивите животни не треба да се вознемируваат, ниту пак со нив треба да се воспоставува контакт без реална потреба.
Иако ваквата глетка кај многу луѓе предизвикува страв и паника, биолозите често напоменуваат дека одредени видови змии (особено водните змии како белоушките или рибариците) често се качуваат на ниските гранки над водата за да се сончаат или да демнат плен, и дека истите најчесто се целосно безопасни за луѓето.








