Напната сцена е забележана во пристаништето Суда на грчкиот остров Крит, каде што патнички ферибот и товарен брод се судриле за време на маневар, а целиот момент бил снимен од надзорните камери.
До несреќата дошло кога фериботот „Елирос“, кој пловел на редовна линија кон Пиреја, се приближил до товарниот брод „Јосиф К.“. Во тој момент, товарниот брод изведувал маневар за влез и пристигнување во пристаништето.
На фериботот во моментот на судирот имало околу 100 патници, како и 32 автомобили и 74 камиони, додека товарниот брод превезувал 84 камиони.
Снимките од камерите го покажуваат моментот кога двата брода се приближуваат еден кон друг, а по кратко време доаѓа до удар кој не можел да биде избегнат.
Иако станува збор за големи пловни објекти и ударот изгледал сериозно, за среќа нема пријавени повредени лица. Од надлежните служби е потврдено дека немало ниту истекување гориво, ниту загадување на морето.
По судирот, товарниот брод бил безбедно закотвен во пристаништето, додека пристанишните власти започнале истрага за да се утврди што точно довело до инцидентот.
И на двата брода им е изречена привремена забрана за пловење сè додека не бидат направени детални технички проверки и не бидат издадени потребните потврди за повторно ставање во употреба.
Надлежните продолжуваат со проверка на сите околности околу судирот, а се очекува дополнителен извештај по завршувањето на истрагата.








