Вистинска драма се одвивала на еден од најпрометните булевари во Софија, откако автобус со патници излетал од својата лента, пробил бетонска заштитна ограда и завршил во спротивниот правец. Во несреќата четири лица биле повредени, а причините сè уште се истражуваат.
Според бугарските медиуми, инцидентот се случил на булеварот „Цариградско шосе“, кај клучката „Четврти километар“. Автобусот сообраќал од населбата Младост кон Орлов мост, кога од засега неразјаснети причини ја пробил централната ограда и преминал во спротивната лента.
За среќа, бетонските заштитни бариери го запреле возилото и спречиле да падне од надвозникот, што можело да има многу потешки последици.
Во несреќата биле повредени четири лица – 16-годишна девојка, една жена и двајца мажи. Двајца од нив биле пренесени во Универзитетската болница „ИСУЛ“, додека останатите биле згрижени во Ургентниот центар „Пирогов“.
Лекарите подоцна соопштиле дека 76-годишен маж и тинејџерката, кои биле примени во „Пирогов“, по укажаната медицинска помош биле пуштени на домашно лекување.
Несреќата предизвикала голем сообраќаен метеж во правец кон Пловдив, додека полицијата и итните служби интервенирале на местото и работеле на расчистување на оштетениот автобус.
Според сведоци, возачот им рекол дека автобусот останал без сопирачки, поради што не успеал да го запре возилото пред ударот во оградата. Друг очевидец изјавил дека автобусот не се движел со голема брзина во моментот на несреќата.
Од надлежните институции информираат дека првичните информации укажуваат на можен технички дефект, но точната причина за несреќата ќе биде утврдена по завршувањето на истрагата.








