ПРВ.мк
Балкан

ТУРИСТ ДОБИ „ЛАДЕН ТУШ“ НА ГРЧКА ПЛАЖА: Една грешка со СУП даската го чинеше 250 евра!

ТУРИСТ ДОБИ „ЛАДЕН ТУШ“ НА ГРЧКА ПЛАЖА: Една грешка со СУП даската го чинеше 250 евра!

Летната забава на море може брзо да се претвори во непријатно искуство доколку не се почитуваат правилата што ги бараат властите. Ова го почувствувал и еден турист на грчкиот остров Лемнос, кој добил висока парична казна поради прекршок поврзан со користење на СУП даска.

Веслањето со даска за стоење, познато како СУП (Stand Up Paddle), последните години станува сè попопуларна активност меѓу туристите. Многумина ја користат за рекреација и истражување на крајбрежјето, но во Грција за оваа водна активност постојат строги безбедносни правила.

Инцидентот се случил во средината на јули на плажата Аи Јанис на островот Лемнос. При контрола од страна на надлежните служби, било утврдено дека туристот користел СУП даска без задолжителна безбедносна опрема.

Капетанијата му изрекла казна од 250 евра затоа што немал елек за спасување, кој според грчките прописи мора да го има секој што користи ваква даска на вода.

Снимка од контролата била објавена на социјалната мрежа ТикТок и брзо привлече големо внимание. Многу корисници коментираа дека голем број туристи не се запознаени со строгите правила што важат за водните спортови во Грција.

Според грчките прописи, лицата кои користат СУП мора да знаат да пливаат и задолжително да носат елек за спасување. Дополнително, минималната возраст за управување со даска е 15 години, а на една даска смее да има само едно лице.

Постојат и ограничувања за движење – корисниците не смеат да се оддалечат повеќе од 500 метри од брегот. Забрането е користење на СУП при неповолни временски услови, во текот на ноќта, како и движења со кои би можеле да се загрозат или вознемируваат пливачите.

Особено се нагласува дека приближувањето до места каде што има капачи може да се смета за прекршок, бидејќи даските можат да претставуваат опасност во преполни делови од плажите.

Грчките власти најавуваат дека контролите ќе продолжат во текот на летната сезона не само на Лемнос, туку и на други популарни туристички места. Проверки се вршат кај корисниците на СУП даски, но и кај сите кои користат друга опрема за водни спортови.

За туристите ова е уште едно потсетување дека пред да влезат во море со реквизити, треба добро да се информираат за локалните правила, бидејќи непознавањето на прописите не ги ослободува од казни.