ПРВ.мк
Балкан

Црвени знамиња на познати плажи: Анализите покажаа загадена морска вода

Црвени знамиња на познати плажи: Анализите покажаа загадена морска вода

Црногорските власти привремено забранија капење на четири плажи во Будва и Бар, откако анализите покажале дека морската вода на тие локации не ги исполнува пропишаните санитарни стандарди.

Под забрана се плажите „Жукотрлица 02“ и „Жукотрлица 03“ во Бар, како и „Словенска плажа 01“ и „Пржно“ во Будва. На овие локации се поставени црвени знамиња како предупредување за посетителите да не влегуваат во морето.

Одлуката следувала по пријави од капачи за заматена вода и непријатен мирис, а лабораториските анализи потврдиле дека квалитетот на водата на овие плажи не е соодветен за безбедно капење.

Според Институтот за биологија на морето, контролите биле спроведени од 20 до 23 јули на 114 локации долж црногорското крајбрежје. Резултатите покажале дека 78,9 проценти од плажите имаат одличен квалитет на водата, 8,8 проценти добар, уште 8,8 проценти задоволителен, додека 3,5 проценти се оценети како несоодветни за капење.

Во Улцињ, од 18 испитани плажи, 14 имаат одличен квалитет на водата, две добар и две задоволителен. Во Бар, покрај двете плажи со забрана, останатите 13 се оценети како одлични. Во Будва, од 34 анализирани плажи, 27 имаат одличен квалитет, две добар, три задоволителен, а две се оценети како небезбедни. Најголем дел од плажите во Тиват, Котор и Херцег Нови имаат одличен или добар квалитет на морската вода.

Во меѓувреме, дел од црногорските медиуми објавија дека во здравствените установи е забележан зголемен број деца со симптоми како дијареја, повраќање, малаксаност и покачена температура. Сепак, не е официјално потврдено дека овие случаи се директно поврзани со квалитетот на морската вода, иако како една од можните причини се разгледува загадување од отпадни води.

Надлежните инспекциски служби најавија дополнителни контроли, а Институтот за биологија на морето ќе продолжи со редовно следење на квалитетот на водата и навремено информирање на јавноста за новите резултати.