Во рударскиот град Вареш во Босна и Херцеговина се развива сериозна здравствена криза, откако најновите тестирања покажале присуство на олово во крвта кај повеќе од 100 жители – меѓу нив и пет деца помлади од шест години. Алармантно е што зголемени вредности се регистрирани не само во населбите околу јаловиштата, туку и кај граѓани од самиот центар на градот.
Првите сомнежи се појавија уште во декември 2025 година, кога кај сите 44 тестирани лица било пронајдено олово во крвта. Подоцнежните анализи ја потврдија сериозноста – кај дел од испитаниците концентрациите се десетици, па и стократно над дозволените граници.
Од Институтот за здравје и безбедност на храна во Зеница предупредуваат дека не постои безбедна доза на олово, особено кога станува збор за деца, кај кои последиците може да бидат трајни. Иако дел од надлежните тврдат дека засега нема симптоми на акутно труење, експертите потенцираат дека тоа не значи дека ризикот не е сериозен.
Истрагата, пак, тапка во место. Се проверува водата, но сомнежите сè повеќе одат кон прашината, почвата и јаловиштата од рударските активности, што укажува на системско загадување. И покрај тоа, сè уште нема јасен план за итни мерки, масовен скрининг или прогласување вонредна состојба.
Додека граѓаните бараат одговори и заштита, институциите нудат фрагментирани изјави, а одговорноста – и понатаму е нејасна. Прашањето што сè погласно одекнува во Вареш е едноставно и болно: колку деца треба да бидат затруени за некој конечно да реагира?

















