Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, денеска се одржува комеморација по повод 30 години од геноцидот врз бошњачкото население, извршен од страна на српските сили во јули 1995 година. На оваа годишнина ќе бидат погребани останките од седум новоидентификувани жртви, кои се пронајдени на различни локации. Меѓу нив се и две момчиња на возраст од само 19 години, кои се најмладите меѓу денешните погребани.
На настанот се очекува присуство на голем број државници и лидери од целиот свет, а според извештаите од медиумите во Сараево, бројот на посетители може да достигне и над 150.000 луѓе.
Во рамки на активностите за одбележување на трагичниот јубилеј, вчера беше отворена емотивна изложба насловена „Животи зад полињата на смртта“. Изложбата прикажува лични предмети на жртвите – скршени очила, часовници, чешли, документи – што биле пронајдени во масовни гробници и во шумите околу Сребреница. Предметите се жив сведок за човечките трагедии кои се случиле за време на масакрот.
Во мај 2024 година, Обединетите нации официјално го прогласија 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, и упатија силна осуда на негирањето на геноцидот и величањето на оние кои ги извршиле злосторствата.
Геноцидот е извршен под водство на командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кога за само неколку дена беа масакрирани над 8.000 мажи и момчиња – муслимани од Босна. Меморијалниот центар располага со податоци дека жртвите се 8.372 лица, а покрај мажите, меѓу нив имало и жени, девојчиња и постари лица. Масовните гробници биле често прекопувани и телата преместувани, за да се сокријат трагите на злосторството.
Процесот на идентификација на жртвите и денеска продолжува – секоја година на 11 јули, новооткриените и идентификувани останки добиваат достоен погреб.
Меѓународниот суд на правдата, Хашкиот трибунал и судовите во Босна и Херцеговина правно го верифицираа настанот како геноцид. Досега, 54 поединци се осудени за геноцид, злосторства против човештвото и други воени злосторства – со вкупно 781 година затвор. Петмина, вклучително и Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, добија доживотни казни затвор.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека Србија не сторила доволно за да го спречи геноцидот, иако не беше директно обвинета за неговото извршување.
И покрај овие правни признанија, дел од српските политички елити, и во Србија и во Република Српска, сè уште одбиваат да го признаат геноцидот, а некои дури и ги слават осудените како херои.
Од Меморијалниот центар во Сребреница постојано апелираат дека во Република Српска продолжува институционалната дискриминација на Бошњаците, негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници – тренд кој директно влијае врз помирувањето и стабилноста во регионот.