Трагедија се случила во познатото туристичко место Сарти на Халкидики, каде што 56-годишниот Горан Комазец од Белград го загубил животот откако влегол во морето во обид да спаси друг човек.
Според неофицијалните информации што ги пренесуваат српските медиуми, Горан забележал дека морската струја оддалечува маж од брегот и веднаш влегол во водата за да му помогне.
По него од брегот тргнал и неговиот малолетен син.
Се претпоставува дека по наглото влегување во студената вода, 56-годишникот доживеал срцев застој. Тој набрзо бил извлечен од морето и пренесен во болница, но лекарите, за жал, не успеале да го спасат и можеле само да констатираат смрт.
Засега нема прецизни информации за здравствената состојба на човекот кого Горан се обидувал да го спаси.
За трагичниот настан во Сарти бил известен и Генералниот конзулат на Србија во Солун.







