ПРВ.мк
Балкан

ВАКА СЕГА ИЗГЛЕДА ЗГРАДАТА ВО БЕЛГРАД КАДЕ ЗАГИНА 21-ГОДИШЕН МАКЕДОНЕЦ: Експлозијата урна ѕидови и искрши прозорци

ВАКА СЕГА ИЗГЛЕДА ЗГРАДАТА ВО БЕЛГРАД КАДЕ ЗАГИНА 21-ГОДИШЕН МАКЕДОНЕЦ: Експлозијата урна ѕидови и искрши прозорци

Станот во Косовска улица во Белград, во кој минатата година во силна експлозија загина 21-годишниот македонски државјанин Мартин Сипковски, е целосно реновиран. По повеќемесечни градежни работи, денес речиси ништо не потсетува на трагедијата што се случи на 1 октомври 2025 година.

Според сведоштвата на станарите, мајсторите со месеци работеле на санирање на штетата, како во станот на третиот кат, така и на надворешниот дел од зградата.

Експлозијата била толку силна што биле урнати преградни ѕидови, искршени прозорци и штокови, а оштетувања претрпеле и автомобили паркирани на улицата.

Според информациите од истрагата што ги пренесуваат српските медиуми, Сипковски наводно самиот ја активирал експлозивната направа при нестручно ракување со неа. Неколку дена по трагедијата, полицијата уапсила лице осомничено дека му ја донело бомбата, за која истражителите се сомневале дека била наменета за ликвидација на друго лице.

Станот во кој се случила експлозијата не бил во сопственост на Македонецот, туку бил изнајмен како „стан на ден“.

При истрагата, според неофицијалните информации објавени во српските медиуми, биле пронајдени и криптирани телефони, а постоеле сомнежи дека случајот може да биде поврзан со криминални структури. Било утврдено и дека експлозијата ја предизвикал „пентрит“, експлозив со голема разорна моќ.

Сомнежите биле дека Сипковски го презел експлозивот на 30 септември во близина на Косовска и Нушиќева улица, а следниот ден околу 21:45 часот дошло до фаталната експлозија.

Српските медиуми тогаш објавија и дека 21-годишникот имал полициско досие и дека во Македонија против него се водела постапка за обид за убиство. Според истите наводи, во моментот кога загинал требало да биде во домашен притвор, од кој претходно избегал.

Случајот предизвика големо внимание во регионот, а истрагата се прошири и кон можните лица кои стоеле зад набавката и намената на експлозивната направа.