Тежок инцидент се случил во близина на познатата Сина пештера на полуостровот Луштица во Црна Гора, каде британска туристка се здобила со сериозни повреди откако нејзините нозе биле зафатени од пропелер на глисер. Жената веднаш била извлечена од морето и пренесена во болница, додека полицијата започнала истрага за околностите под кои се случила несреќата.
Според информациите што ги објавуваат црногорските медиуми, несреќата се случила додека туристката пливала во една од помалите морски пештери во близина на Сината пештера. До локацијата била превезена со глисер со регистрациски број 192KT, а токму тоа пловило било инволвирано во несреќата.
Според првичните сознанија, капетанот Ж.М. се нашол во незавидна ситуација кога морските струи и брановите почнале да го приближуваат глисерот кон карпите. Во обид да избегне судир, тој го изгасил моторот во момент кога туристката пливала во близина на задниот дел од пловилото, по што нејзините нозе се заглавиле во пропелерот.
По несреќата, екипажот веднаш ја извлекол повредената жена во глисерот и ја транспортирал до марината Портонови во Кумбор. Таму ја презела екипа на Итната медицинска помош од Херцег Нови, по што била пренесена во здравствена установа каде ѝ е укажана лекарска помош.
Полицијата во Херцег Нови врши увид и прибира докази за целиот случај. По завршувањето на истрагата, надлежното обвинителство ќе одлучи дали против капетанот Ж.М. ќе биде поведена прекршочна или кривична постапка. До завршување на постапката, глисерот е привремено одземен.
Според неофицијални информации, пловилото е во сопственост на претприемач од Котор кој се занимава со такси-превоз и организирање туристички екскурзии со глисери низ Которскиот Залив. Исто така, се наведува дека инспекциските служби на Министерството за поморски работи претходно му изрекле повеќе казни во вкупен износ од речиси 40.000 евра поради прекршувања на прописите за безбедност во пловидбата.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата, која треба да ги утврди сите околности што довеле до оваа сериозна несреќа.








