ПРВ.мк
Балкан

Тажна вест: Почина фудбалската легенда која беше пред трансфер во Реал Мадрид

Тажна вест: Почина фудбалската легенда која беше пред трансфер во Реал Мадрид

Легендарниот хрватски фудбалер Иван Гудељ почина на 67-годишна возраст по тешко боледување. Гудељ остана запаметен како еден од најголемите играчи во историјата на Хајдук и еден од најголемите таленти на југословенскиот фудбал во својата генерација.

Во 1979 година беше прогласен за најдобар млад фудбалер во Европа, а подоцна стана и најмладиот капитен на југословенската репрезентација.

Најголем дел од кариерата го помина во Хајдук, за кој одигра 362 натпревари и постигна 93 погодоци. Во дресот на репрезентацијата на Југославија забележа 33 настапи.

Неговата кариера, сепак, беше прекината кога имаше само 26 години. На Гудељ му бил дијагностициран хепатитис Б, поради што морал прерано да се повлече од професионалниот фудбал.

Во тој период се наоѓал пред голем трансфер во Реал Мадрид, но здравствените проблеми ги прекинале плановите за продолжување на кариерата во шпанскиот гигант.

Гудељ настапуваше за Југославија на Светското првенство во 1982 година, Европското првенство во 1984 година, како и на Олимписките игри во Москва.

И покрај тоа што неговата кариера заврши многу порано од очекуваното, Иван Гудељ остави длабока трага во Хајдук и во фудбалот на просторите на поранешна Југославија.