За време на образложението на пресудата против Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на Коста Кецмановиќ, Вишиот суд во Белград изнесе нови информации за состојбата и животот на малолетникот по трагичниот напад во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Според информациите презентирани во судницата, Коста Кецмановиќ од денот на нападот е сместен во специјализирана психијатриска установа. Таму се наоѓа под постојан надзор и нема контакти со надворешниот свет, освен со медицинскиот персонал и полициските службеници кои се задолжени за неговата безбедност.
Во текот на судската постапка биле изнесени и детали за неговиот престој во установата. Според кажаното, за време на лекувањето почнал поотворено да ги изразува своите емоции, развил интерес кон верата и побарал можност да се исповеда. Наводно, во разговорите изјавил дека денес се чувствува позрел и дека подобро ги разбира сопствените чувства, постапки и последиците од нив.
Судијата посочил дека кај него подолг временски период постоело силно чувство на осаменост и отфрленост, особено во текот на шесто и седмо одделение. Според наодите кои биле разгледувани во судската постапка, врз момчето бил вршен значителен притисок постојано да постигнува врвни резултати, а дополнителен товар претставувале и високите очекувања во семејството.
За време на сведочењето во процесот против неговите родители, тој навел дека посакувал тие навреме да ги препознаат проблемите со кои се соочувал и да реагираат пред да дојде до трагедијата. Судот оценил дека бил психички запоставен, но истовремено утврдил дека не бил неспособен за расудување.
Овие околности биле дел од пошироката анализа што судот ја направил при донесувањето на одлуката за одговорноста на неговите родители. Меѓу факторите кои биле земени предвид се наведуваат пропустите во родителскиот надзор, недоволното препознавање на психолошките проблеми и непостапувањето навреме за нивно решавање.
Вишиот суд во Белград ги осуди Владимир и Милјана Кецмановиќ на вкупно 17 години и пет месеци затвор поради кривични дела поврзани со загрозување на општата безбедност и занемарување на малолетно лице.
Според српското законодавство, Коста Кецмановиќ не може кривично да одговара за делото бидејќи во моментот на нападот немал наполнети 14 години, што претставува законска граница за кривична одговорност.
Во трагичниот напад што се случи на 3 мај 2023 година во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград животот го загубија девет ученици и еден вработен во училиштето, додека повеќе лица беа повредени, што ја потресе цела Србија и регионот.










