Тешка сообраќајна несреќа го потресе атинското предградие Вула, откако два автобуси се судрија еден со друг, повредувајќи најмалку 47 лица, меѓу кои и десет деца. Патниците биле главно млади лица кои се упатувале кон плажите во Атика, пренесуваат грчките медиуми.
Според првичните информации, автобусите на градскиот превоз се движеле еден зад друг, кога од засега непознати причини, задниот удрил во предниот автобус во близина на автобуска станица.
Од повредените, три лица се во потешка здравствена состојба, додека децата се згрижени во детска болница. Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгиадис, изјави дека никој не е во животна опасност, иако неколкумина се под внимателен лекарски надзор.
На местото на несреќата веднаш интервенирале службите за итни случаи, со три мобилни медицински екипи, осум амбулантни возила и две моторизирани единици.
Несреќата предизвикала голем застој во сообраќајот, а властите започнаа истрага за причините зад судирот.