Силно невреме проследено со поројни дождови, интензивни грмотевици, силен ветер и крупен град ја погоди Словенија, предизвикувајќи материјални штети и бројни интервенции на терен. Најтешко погодени биле источните делови од земјата, особено регионот Штаерска и поширокото подрачје околу Марибор.
Според информациите од словенечките медиуми, силните налети на ветер откорнувале покриви од објекти, соборувале дрвја и електрични столбови, додека пожарникарските служби биле ангажирани на повеќе локации поради последиците од невремето.
Штети биле пријавени и на повеќе објекти, меѓу кои и на зградата на Универзитетскиот медицински центар во Марибор, каде временските услови предизвикале дополнителни проблеми.
Словенечката агенција за животна средина ARSO уште претходно го зголемила нивото на предупредување од жолто на портокалово, предупредувајќи на опасност од засилени грмотевични процеси, интензивни врнежи, силни ветрови и појава на град.
Невремето првично ги погодило северните и источните делови на земјата, по што се проширило кон централните и југоисточните региони. Врнежи и силен ветер биле регистрирани и во Љубљана, а на аеродромот во близина на главниот град биле измерени силни налети на ветер.
Надлежните служби предупредуваат дека и по поминувањето на најсилниот бран, во одредени делови од земјата и понатаму постои можност за локални поројни дождови и засилени налети на ветер.
Иако засега не се очекуваат поголеми поплави, експертите предупредуваат дека водостоите може привремено да пораснат во областите каде врнежите ќе продолжат подолго.
Невремето не ја одмина ниту Хрватска. Во Загреб вечерните часови биле проследени со силни грмотевици, дожд и ветер, а хрватските метеоролошки служби издале жолто предупредување за голем дел од внатрешноста на земјата.








