ПРВ.мк
Балкан

СРБИЈА ПОВТОРНО ИЗЛЕГУВА НА ИЗБОРИ: Познат е рокот до кога мора да се избере нов претседател!

СРБИЈА ПОВТОРНО ИЗЛЕГУВА НА ИЗБОРИ: Познат е рокот до кога мора да се избере нов претседател!

По вонредните парламентарни избори, Србија ја очекува уште еден важен изборен процес – изборот на нов претседател на државата. Иако претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, која моментално ја извршува функцијата во технички мандат, сè уште не ги распишала претседателските избори, законските рокови веќе го одредуваат периодот во кој тие мора да се одржат.

Според предвидените рокови, Србија треба да добие нов претседател најдоцна до 27 декември 2026 година. Ова следува по оставката на поранешниот претседател Александар Вучиќ, која беше поднесена на 27 септември 2026 година.

Законот предвидува дека периодот од распишувањето на претседателските избори до денот на гласањето не смее да биде пократок од 30 дена, ниту подолг од 60 дена. Тоа значи дека датумот на изборите мора да биде утврден во рамките на овој временски период.

Крајниот рок за распишување на изборите е 27 ноември

Според законските одредби, претседателските избори мора да бидат распишани најмалку 30 дена пред денот на гласањето. Во конкретниот случај, тоа значи дека крајниот рок за нивно распишување е 27 ноември 2026 година.

Изборниот процес ќе го спроведуваат истите институции што се задолжени и за парламентарните избори. Меѓу нив се Републичката изборна комисија, локалните изборни комисии и избирачките одбори, кои ќе бидат одговорни за организацијата и спроведувањето на гласањето.

Кандидатите што ќе сакаат да се борат за претседателската функција ќе мора да ги исполнат законските услови и да ја поднесат потребната документација во предвидениот рок.

Кандидатурите ќе мора да бидат поткрепени со најмалку 10.000 потписи

Предлозите за претседателски кандидати се доставуваат директно до Републичката изборна комисија, и тоа во писмена и електронска форма, на официјално пропишан образец.

Крајниот рок за поднесување на кандидатурите е најдоцна 20 дена пред денот на гласањето. Покрај формалниот предлог, предлагачите мора да достават и најмалку 10.000 писмени изјави од гласачи кои ја поддржуваат кандидатурата.

Изјавите за поддршка треба да бидат подготвени на образец утврден од Републичката изборна комисија и заверени пред истекот на рокот за поднесување на кандидатурите.

Со тоа, претстојните претседателски избори ќе претставуваат нова важна политичка пресвртница за Србија, а следните недели ќе бидат клучни за распишувањето на изборите, утврдувањето на датумот за гласање и подготовките на потенцијалните кандидати.