Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спречиле увоз на две пратки УХТ млеко од Косово, откако лабораториските анализи покажале присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации.
Станува збор за вкупно 27.520 килограми млеко, кое било наменето за продажба во синџир маркети во земјава.
Според АХВ, двете пратки биле запрени на граничниот премин Блаце, а небезбедното млеко минатата недела било уништено на депонијата Дрисла под надзор на официјален ветеринар.
Мострите биле земени во рамки на Мониторинг програмата што АХВ ја спроведува за пратките со храна од животинско потекло.
Од Агенцијата потсетуваат дека од 17 јули се воведени и засилени безбедносни мерки при увозот на млеко и млечни производи. Тие предвидуваат задолжителни лабораториски испитувања и дополнителни проверки за да се спречи небезбедна храна да стигне до домашниот пазар.









