Хрватските медиуми објавија дека 37-годишен Македонец од скопската населба Ѓорче Петров е осомничен за силување на Британка во хотел на островот Коложеп (Каламота), во близина на Дубровник.
Според порталот „Дубровачки дневник“, Жупанискиот суд во Дубровник ја одбил жалбата на осомничениот за излегување од притвор, па тој ќе остане зад решетки сè до завршување на постапката.
Портпаролот на судот потврдил дека истражниот судија ја одредил мерката притвор поради „основано сомнение и постоење релевантни докази“ дека осомничениот го сторил делото за кое се товари.
Одбраната тврдеше дека нема опасност од бегство, бидејќи тој живее во Хрватска со сопругата и децата, а воедно има и договор за работа до 2026 година. Сепак, судот смета дека постои ризик тој да влијае врз сведоци или да ја попречи истрагата, поради што ја отфрли жалбата како неоснована.
Во образложението на судот се наведува дека во текот на постапката ќе биде сослушан сведокот кој бил заедно со осомничениот, жртвата и нејзината пријателка во ноќта кога се случил инцидентот.
Според Кривичниот закон на Република Хрватска, за силување без согласност на жртвата е предвидена затворска казна од три до осум години.















