ПРВ.мк
Балкан

СЕ ПОДГОТВУВА РИГОРОЗНА ЗАБРАНА: Тротинетите веќе нема да смеат да ги возат лица под 18 години!

СЕ ПОДГОТВУВА РИГОРОЗНА ЗАБРАНА: Тротинетите веќе нема да смеат да ги возат лица под 18 години!

Грција најавува нов законски пакет со кој значително се заоструваат правилата за користење на електрични тротинети, а најголемата промена е целосна забрана за нивно користење од страна на малолетници под 18 години.

Според грчките медиуми, новите мерки се дел од поширока стратегија за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на несреќи поврзани со овие сè попопуларни превозни средства.

Министерот за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, најавил дека целта на законските измени е да се воспостави построга контрола и појасни правила за користење на тротинетите, особено во урбаните средини каде што најчесто се случуваат инциденти.

Покрај старосната граница, новиот пакет мерки предвидува и задолжително осигурување од граѓанска одговорност за сите корисници, без разлика дали тротинетот е во сопственост или е изнајмен преку апликации.

Со ова, властите сакаат да обезбедат надомест на штета во случај на сообраќајни незгоди, повреди на пешаци или материјална штета.

Дополнително, се најавува и регулирање на паркирањето на тротинетите, кое досега често создаваше проблеми на тротоарите и јавните површини, како и намалување на бројот на лиценци за компаниите кои ги изнајмуваат.

Предвидени се и построги казни за возила кои ја надминуваат дозволената брзина, со цел да се намали ризикот во сообраќајот.

Со овие промени, Грција се приклучува на сè поголем број европски земји кои воведуваат строга регулатива за електричните тротинети поради зголемениот број несреќи и безбедносни ризици.