Подготовките за создавање суверена држава на Бекташкиот ред во Тирана наводно влегуваат во нова фаза, а проектот предвидува таа да има сопствени институции, пасоши, па дури и валута.
Според францускиот Intelligence Online, лидерите на Бекташкиот ред веќе работат на идните институционални структури и на создавање мрежа за меѓународно претставување.
Идејата за формирање на бекташка држава беше јавно претставена од албанскиот премиер Еди Рама во септември 2024 година. Предвидено е енклавата да се наоѓа во Тирана и да зафаќа површина од околу 11 хектари – приближно една четвртина од територијата на Ватикан.
Доколку проектот се реализира според најавите, новата држава би претендирала да стане најмалата суверена држава во светот.
Според Intelligence Online, официјализирањето од страна на албанските власти би можело да следува во наредните месеци.
Посебно внимание привлекуваат плановите за сопствени државни обележја и институции. Бекташките лидери наводно разгледуваат воведување сопствена валута со име „бек“, која би можела да биде врзана за цената на златото. Во план е и издавање сопствени пасоши.
На чело на Бекташкиот ред е Баба Монди, односно Едмонд Брахимај, кој во светското седиште во Тирана продолжува да прима странски делегации.
Паралелно се работи и на создавање мрежа на претставници во странство. Според објавените информации, веќе се назначени претставници за САД, Франција и Белгија.
Бекташкиот ред промовира умерена форма на исламот и меѓуверски дијалог, а замислата е идната енклава да има посебен правен и институционален статус.
Сепак, проектот сè уште е во фаза на подготовка, па конечниот статус, начинот на меѓународно признавање и практичното функционирање на евентуалната држава допрва треба да бидат дефинирани.







