ПРВ.мк
Балкан

САКАШ ГЛАСНО ДА ПУШТАШ ПАРТИЗАНСКИ ПЕСНИ? - Еве колкава казна може да те чини музиката!

САКАШ ГЛАСНО ДА ПУШТАШ ПАРТИЗАНСКИ ПЕСНИ? - Еве колкава казна може да те чини музиката!

39-годишен маж од околината на Огулин, во Хрватска, добил неправосилна пресуда со која му е изречена парична казна од 2.000 евра поради прегласно пуштање музика во дворот на куќата на неговите родители. Меѓу песните што ги слушале соседите биле и партизанските „Млада партизанка“ и „Друже Тито“, како и различни маршеви.

Според судот, гласната музика ги вознемирувала соседите со кои мажот подолго време бил во конфликт, а неговото однесување претставувало нарушување на јавниот ред и мир. Случајот го објави хрватскиот портал „Индекс“.

Одлуката ја донел Општинскиот суд во Карловац, преку својата постојана служба во Слуњ. По инцидентот, 39-годишникот бил уапсен и поминал една ноќ во полициски притвор.

Инцидентот се случил на 9 јуни годинава, околу 17 часот, во селото Турковиќи Огулински. Според сведочењата на соседите, кои судот ги прифатил, мажот во дворот вклучил преносен звучник и пуштал музика со толкава јачина што таа се слушала и од улицата.

Соседите тврделе дека од звучникот се слушале песните „Млада партизанка“ и „Друже Тито“, како и разни маршеви. Според нивните искази, мажот наводно ги следел со звучникот и им упатувал навреди секогаш кога се обидувале да се оддалечат од бучавата.

Еден од соседите пред судот изјавил дека музиката се слушала во радиус од околу 500 метри. Тој навел и дека слични ситуации имало и претходно, во април и мај, кога повеќепати повикувал полиција.

Соседите посочиле дека конфликтот меѓу нив траел подолго време и дека, покрај бучавата, биле изложени и на навреди и вознемирување. Тие тврделе дека ситуацијата влијаела врз нивното здравје, поради што побарале и лекарска помош.

Мажот ги негирал обвинувањата, мајка му дала поинакво објаснување

Обвинетиот ги отфрлил тврдењата на соседите. Тој изјавил дека во времето кога наводно се случил инцидентот не бил во куќата на неговите родители, туку пристигнал дури околу 18:30 часот, приближно во моментот кога на местото дошла и полицијата.

Неговата мајка, пак, изјавила дека околу 17 часот случајно пуштила музика преку својот мобилен телефон. Таа признала дека звукот бил прилично гласен, но тврдела дека музиката се слушала само неколку минути. Според нејзиното сеќавање, нејзиниот син во тој момент не бил присутен.

Одбраната оценила дека случајот е последица на долгогодишен спор меѓу двете семејства. Според нејзиното објаснување, соседите се противеле на одгледувањето животни на имотот на семејството на обвинетиот и често пријавувале различни случаи во полиција, со цел да се издејствува преместување на фармата.

Еден од доказите во постапката била снимка од безбедносна камера поставена на куќата на еден од соседите, која тој ѝ ја предал на полицијата. На снимката, направена на 9 јуни, се гледа дворот на соседниот имот, а во позадина може да се слушне музика.

Полицијата барала и психијатриско вештачење

За време на постапката, полицијата побарала да биде извршено психијатриско вештачење на обвинетиот, а побарала и тој да биде задржан во притвор. Како образложение биле наведени честите пријави против него и претходните неплатени парични казни.

Судот, сепак, ги одбил овие барања, оценувајќи дека тие не биле доволно образложени и поткрепени со докази.

При одредувањето на казната од 2.000 евра, судот не утврдил олеснителни околности. Во постапката било констатирано дека мажот веќе имал две правосилни пресуди за нарушување на јавниот ред и мир, од 2024 и 2025 година, како и претходни казни за други прекршоци, меѓу кои сообраќајни и економски.

Судот заклучил дека претходно изречените, поблаги казни не ја постигнале својата цел, односно не довеле до промена на неговото однесување.

Како олеснителна околност не било прифатено ниту тоа што 39-годишникот издржува две малолетни деца преку работа на сопственото земјоделско стопанство. Пресудата засега не е правосилна.

Најнови вести