Туристите кои овие денови летуваат во Северна Грција сè почесто на социјалните мрежи споделуваат предупредувања за појава на т.н. „риба змеј“, позната и како дракена или weever fish. Според објави од посетители, овој морски вид бил забележан во плитките делови на некои плажи, меѓу кои и популарната Амолофи во близина на Кавала.
Иако самото име звучи застрашувачки, експертите нагласуваат дека не станува збор за нов или инвазивен вид, туку за природно присутна риба во Средоземното, Егејското и Јадранското Море. Таа со години е дел од морскиот екосистем и нејзиното присуство не е невообичаено за овој регион.
Дракeната е мала риба која најчесто достигнува должина од 10 до 15 сантиметри и има песочна боја, што ѝ овозможува речиси целосно да се вклопи во морското дно. Таа се закопува во песокот, оставајќи ги видливи само очите и отровните боцки на грбот, поради што е тешко да се забележи при влегување во водата.
До убод најчесто доаѓа кога капачите случајно ќе нагазат врз неа, бидејќи рибата не е агресивна и не напаѓа активно луѓе. Отровот кој го користи е исклучиво за одбрана, но убодот може да предизвика интензивна и остра болка, која се засилува во првите минути по инцидентот. Кај почувствителни лица може да се јават и дополнителни симптоми како мачнина, вртоглавица и слабост, иако сериозни последици се исклучително ретки.
Оваа риба не треба да се меша со рибата зајак (Lagocephalus sceleratus), која е инвазивен вид и во последните години се шири во источниот Медитеран. За разлика од неа, дракeната е автохтона и природна за овие води.
Според локални информации, најчесто се забележува на песочни и плитки плажи, особено во области со мирно море каде што лесно се закопува во песокот. Поради тоа, случаи се пријавуваат на различни локации низ Кавала, Тасос и Халкидики, но без значително зголемување на ризикот за капачите.
Експертите и туристичките служби во Грција апелираат дека нема причина за паника и дека бројот на инциденти е многу мал во споредба со милионите туристи кои секое лето ги посетуваат плажите.
Сепак, се препорачуваат едноставни мерки на претпазливост, како носење обувки за вода во плитките делови и внимателно движење при влегување во морето. Наместо нагли чекори, се советува полека да се поместува песокот со нозете за да се избегне случајно нагазување.
Во случај на убод, лекарите препорачуваат погоденото место да се потопи во топла вода, бидејќи отровот е чувствителен на висока температура и тоа може значително да ја намали болката. Потоа се советува медицински преглед, особено ако симптомите се засилат или се појави алергиска реакција.
И покрај повремените пријави, надлежните потсетуваат дека дракeната е дел од природниот морски свет и не претставува причина за откажување од капење, туку само потсетник за внимателност во плитките песочни делови на морето.







