Основното училиште ОУ „Фра Дидак Бунтиќ“ во Читлук, Босна и Херцеговина донесе одлука што веќе предизвикува реакции низ регионот – целосна забрана за внесување мобилни телефони и други дигитални уреди во училиштето.
Одлуката е донесена едногласно од училишниот одбор, по иницијатива на наставниците и во координација со родителите, што покажува дека станува збор за заеднички став околу потребата од промени во секојдневието на учениците.
Новите правила стапуваат на сила од 4 мај 2026 година и важат за сите ученици. Единствен исклучок се прави за деца со утврдени здравствени состојби, на кои им е потребен телефон, но само со соодветна медицинска документација.
Покрај забраната за телефони, училиштето воведе и дополнителни правила со кои се регулира однесувањето и изгледот на учениците. Така, се забранува користење шминка, лакирање нокти и фарбање на косата, со цел да се задржи природниот изглед соодветен за возраста.
Дополнително, строго се ограничува и облекувањето – не е дозволена претесна или несоодветна облека која не одговара на училишната средина. Во рамки на новите мерки, забрането е и внесување алкохол, енергетски пијалаци, како и обични и електронски цигари.
Од управата на ОУ „Фра Дидак Бунтиќ“ објаснуваат дека овие чекори се преземаат со јасна цел – да се заштити детството од прекумерно влијание на дигиталниот свет и од предвремено прифаќање на навики типични за возрасни.
Тие нагласуваат дека современите технологии и содржини често го одвлекуваат вниманието и го намалуваат директното дружење меѓу децата. Затоа, преку овие мерки, училиштето сака да поттикне повеќе разговор, социјализација и здрав развој.
„Сакаме децата да останат деца што е можно подолго – здрави, опуштени и неоптоварени со дигиталниот свет. Нашата мисија е тие да растат во здрава и социјално прифатлива средина“, порачуваат од училиштето.
Овој потег веќе се коментира како пример за тоа како образовните институции можат активно да реагираат на предизвиците на модерното време, отворајќи поширока дебата за балансот меѓу технологијата и детскиот развој.










