Црногорското Министерство за внатрешни работи објави висока награда за информации што директно би помогнале во лоцирањето и апсењето на Радоје Звицер (42), по кого е распишана меѓународна потерница преку Интерпол.
Станува збор за сума од 500.000 евра, која би била исплатена за веродостојни и проверливи информации што непосредно ќе придонесат за неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Звицер се бара во врска со серија тешки кривични дела за кои постојат сомневања дека се поврзани со него. Меѓу обвиненијата се наведуваат создавање криминална организација, тешки убиства, убиство, поттикнување на тешко убиство и обид за убиство преку поттикнување.
На потерницата се наведуваат и сомневања за неовластено производство и трговија со наркотични дроги, недозволено поседување оружје и експлозивни материи, како и перење пари.
Од црногорската полиција нагласуваат дека не станува збор за награда за каква било информација, туку само за податоци кои можат конкретно да помогнат во полициската операција и да имаат значење за неговото апсење.
Поради чувствителноста на случајот, лицата кои располагаат со такви информации треба лично да се обратат до директорот на Управата на полицијата, помошник-директорот задолжен за борба против криминалот или началникот на Специјалното полициско одделение.
Средбата потребно е претходно да биде најавена.
Црногорските власти наведуваат дека идентитетот на лицето кое ќе достави релевантни информации ќе биде целосно заштитен.
За конечната исплата на наградата одлучува Владата на Црна Гора, и тоа на предлог на Министерството за внатрешни работи.
Сепак, наградата не може да ја добие секој што ќе се јави со одредени сознанија. Исклучени се лицата кои веќе поседувале информации со кои полицијата претходно била запознаена.
Наградата нема да им следува ниту на полициски службеници и членови на нивните потесни семејства, како и на лица кои на кој било начин биле вклучени во кривичните дела за кои е распишана меѓународната потерница.
Со понудените 500.000 евра, црногорските власти испраќаат јасна порака дека пронаоѓањето и апсењето на Звицер е меѓу нивните приоритети во борбата против организираниот криминал.








