35 мигранти избегале од притворниот центар во Синдики, во близина на Серес во северна Грција, по сериозните немири што избувнале синоќа.
Според грчките власти, полицијата досега уапсила 17 лица, додека по преостанатите 18 продолжува потрагата.
Немирите започнале по 21 часот, кога група мигранти урнала внатрешна ограда и ја нападнала полицијата со камења и други предмети. При инцидентот била причинета значителна материјална штета на објектот, заедничките простории, безбедносните камери, противпожарната опрема и службените возила.
Едно крило од центарот било сериозно оштетено, поради што неговите жители биле преместени во друг дел од објектот.
На местото биле испратени дополнителни полициски сили, вклучително и единици за немири од Солун, како и екипи на брза помош и пожарникари. Немирите траеле повеќе од три часа.
Во центарот биле сместени околу 450 лица, кои таму престојуваат додека се обработуваат нивните барања за азил.








