Пожар избувна во близина на селото Бигла, откако неодговорно лице палело гуми во својот дом, по што огнот излегол од контрола и се проширил кон блиската шума.
Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов изјави дека ситуацијата е сериозна, особено поради тоа што Бигла е село од разбиен тип и се протега на неколку ридови.
На терен се пожарникари од Делчево, а ангажирани се и просторните сили на општината. Побарана е помош и од соседните противпожарни единици.
Во гаснењето се предвидува да бидат вклучени три „Ер трактори“ на ДЗС, а упатен е и полициски хеликоптер.
Дополнително е ангажирана тешка механизација – трактори и булдожери – со која треба да се направат противпожарни пресеци меѓу огнот и селото, за да се спречи ширење на пожарот кон куќите.
Надлежните апелираат на крајна внимателност, особено при користење оган на отворено во услови на високи температури и суво време.









