Познатиот рок новинар, публицист, писател и режисер Душан Весиќ почина на 6 септември по долга и тешка болест. Веста предизвика голема тага меѓу неговите пријатели, колеги и соработници, кои преку социјалните мрежи се простуваат од еден од најзначајните хроничари на југословенската рок-сцена.
Весиќ е роден во Белград во 1959 година, а особено силен белег во музичкото новинарство остави во текот на осумдесеттите години. Од 1980 до 1990 година пишувал за бројни весници и списанија посветени на рок-културата, а бил и уредник на домашната музичка сцена во списанијата „Рок“ и „Поп рок“.
Неговиот професионален пат, сепак, не завршува со новинарството. Од средината на деведесеттите интензивно се занимавал со видеопродукција, а зад себе го остави култниот документарен телевизиски серијал „Rockovnik“, како и серијата и филмот „EKV – Kao da je bilo nekad“.
Бил и сценарист на документарниот филм за „Бајага и инструктори“, „Muzika na struju“ од 2009 година.
Како писател и публицист, Весиќ остави неколку значајни дела посветени на музиката и луѓето кои ја создаваа југословенската рок-сцена. Меѓу нив се „Bijelo dugme – Šta bi dao da si na mom mjestu“, „Magi – Kao da je bila nekad“ и „Bunt dece socijalizma“.
По веста за неговата смрт, бројни познати имиња од светот на музиката, новинарството и културата се простија од него.
Писателот и поет Ѓорѓе Матиќ оцени дека Весиќ и покрај сè што му донел животот, авторски останал „целосно свеж и непотрошен“, додека од „Бајага и инструктори“ го опишаа како голем музички новинар и критичар, режисер, писател и аналитичар.
Особено емотивно од него се прости долгогодишната соработничка Сандра Ранчиќ.
„Патувај мирно. Ќе ми недостигаш повеќе од родителите. Сè што сум денес, научив од тебе“, напиша таа.









