Во Србија се води обемна истрага против 12 лица, меѓу кои и пензиониран полициски службеник, поради сомнежи дека обезбедувале лажни идентитети и српски документи за лица барани за најтешки кривични дела во повеќе држави.
Според истражните органи, поранешниот полицаец во периодот од декември 2022 до ноември 2025 година неовластено пристапувал до полицискиот информативен систем, од каде прибирал доверливи податоци и ги доставувал на странски државјани, меѓу кои, како што се сомнева обвинителството, имало водачи на криминални организации и лица осомничени за убиства.
Истрагата покажала дека со помош на останатите осомничени, повеќе странски државјани успеале да добијат биометриски пасоши и други српски документи под лажен идентитет. На списокот се наоѓаат лица од Турција, Грција, Русија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и други земји, од кои дел се барани со црвени потерници на Интерпол поради организиран криминал, трговија со дрога, перење пари, трговија со луѓе и тешки убиства.
Обвинителството во Нови Сад продолжува со сослушување сведоци и спроведување вештачења, а не се исклучува можноста истрагата да биде проширена доколку се утврди дека и други бегалци од правдата добиле лажни документи на ист начин.
Ова не е прв ваков случај во Србија. Претходно пред суд се водеше постапка во која беше наведено дека водачот на кавачкиот клан, Радоје Звицер, добил лажен идентитет и српски пасош со помош на полициски службеник.








