Ако во наредниот период патувате со автомобил во Грција, имајте на ум дека покрај поостриот Закон за безбедност во сообраќајот, Грците ги засилија и контролите на одредени сообраќајници пред туристичката сезона, а сето тоа со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот. За непочитување на еден знак на раскрсница или кружен тек, на кој често и не се обрнува внимание, казните се драконски – и тоа не само парични од стотици евра, туку се одзема и возачката дозвола, и тоа на еден месец!
Имено, Грција неодамна презеде значајни мерки за да го ограничи опасното однесување во сообраќајот, засилувајќи го полицискиот надзор и заострувајќи ја казнената рамка за оние кои ги кршат основните сообраќајни правила.
Новиот Закон за безбедност во патниот сообраќај исто така игра важна улога во овие напори, бидејќи се воведени повисоки казни и построги санкции за прекршоците што се сметаат за особено опасни за безбедноста на патиштата, пишува на грчкиот сајт Carandmotor.
Најголемиот фокус е на најопасните и најчестите прекршоци, како што се:
- Пречекорување на брзината
- Користење мобилен телефон за време на возењето
- Поминување на црвено светло
- Непочитување на знакот „СТОП“
Многу возачи го превидуваат овој знак
Меѓутоа, посебно внимание сега се посветува на уште еден основен сообраќаен знак – за отстапување првенство на минување, кој секојдневно се гледа во сообраќајот, но многу возачи не му обрнуваат доволно внимание.
Знакот за отстапување првенство на минување има карактеристичен изглед. На раскрсницата каде што е поставен, овој знак означува наредба за возачот дека мора да им отстапи првенство на минување на возилата што се движат по патот на кој тој наидува.
Знакот е препознатлив по својот облик (превртен триаголник) и бојата, и претставува клучен дел од системот на сообраќајна сигнализација, бидејќи дефинира кој има право на првенство на раскрсница.
Казна од 350 евра и одземање на возачката дозвола
Со други зборови, кога возачот ќе наиде на знакот за отстапување првенство на минување, тоа значи дека на раскрсницата пред него мора да им даде предност на возилата што се движат по главниот пат.
Во случај на непочитување на овој знак, новиот Закон за патен сообраќај во Грција предвидува казна од 350 евра, како и одземање на возачката дозвола и регистарските таблички во траење од 30 дена, пишува на сајтот Carandmotor.










