Возачите кои викендов планираат патување кон Халкидики ќе се соочат со значајни промени во сообраќајот, откако грчките власти најавија привремено затворање на делови од обиколницата на Солун поради градежни активности на проектот „Fly over“.
Според најавите, вечерва на 10 јуни од 23:00 до 05:00 часот ќе биде затворен дел од обиколницата во правец кон Халкидики, што ќе предизвика пренасочување на сообраќајот и можни застои во тој период.
Дополнително, од петок, 12 јуни во 23:00 часот, па сè до недела, 14 јуни во 23:00 часот, истиот потег ќе биде целосно затворен во двата правци. Во овој период се очекува значително зголемување на гужвите, особено на влезовите и излезите од Солун, како и на алтернативните правци.
Возачите ќе бидат пренасочувани преку други патни рути, што може да предизвика продолжено време на патување кон популарните летни дестинации на Халкидики.
Затворањата се дел од големиот инфраструктурен проект „Fly over“, кој има за цел модернизација и проширување на сообраќајната мрежа околу Солун. Проектот започна во 2023 година, а неговото завршување е најавено за следната година.
Надлежните апелираат возачите да планираат понапредно патување и да бидат трпеливи поради очекуваните доцнења и пренасочувања во сообраќајот.








