ПРВ.мк
Балкан

ОПАСНА ШВЕРЦ-ШЕМА: Двајца мажи фатени при обид да внесат 50 пиштоли во државата!

ОПАСНА ШВЕРЦ-ШЕМА: Двајца мажи фатени при обид да внесат 50 пиштоли во државата!

Двајца турски државјани се уапсени во Грција откако биле фатени при обид да внесат голема количина оружје преку граничниот премин во областа Еврос. Во камион за меѓународен транспорт биле пронајдени 50 пиштоли и 49 шаржери, внимателно скриени во куфер и патна торба во кабината на возилото.

Според информациите од грчката полиција, операцијата била резултат на претходно добиени податоци и детална анализа, со која било утврдено дека се подготвува транспорт на оружје преку камиони што сообраќаат на меѓународни линии. За да се спречи нелегалниот пренос, биле распоредени полициски екипи кои ги следеле возилата веднаш по влегувањето на грчка територија.

Истражителите утврдиле дека еден од камионите се движел како претходница и имал задача да ја проверува рутата и евентуалното присуство на полиција, додека вториот го носел скриениот товар. При детална контрола, оружјето било пронајдено под креветот во кабината и зад возачкото седиште, херметички спакувано и подготвено за транспорт.

Полицијата посочува дека пиштолите немале сериски броеви, што дополнително ја засилува сомнежот дека станува збор за дел од поширока мрежа за нелегална трговија со оружје. Истите структури се поврзуваат со слични случаи во регионот во последните месеци, каде биле запленети десетици пиштоли во североисточна Грција.

Во меѓувреме, грчкиот министер за заштита на граѓаните посочи дека турските криминални групи претставуваат сериозен безбедносен предизвик за земјата и дека се водат засилени акции за нивно разоткривање и разурнување. Според неговите изјави, илјадници лица поврзани со криминални мрежи веќе се наоѓаат во грчките затвори, додека истрагите за нови канали за шверц продолжуваат.

Во тек е понатамошна истрага за да се утврди каде оружјето било наменето и дали уапсените се дел од поголема меѓународна мрежа за снабдување на криминални групи во Европа.

Најнови вести