Судењето на Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ, продолжува на 17 декември пред Вишиот суд во Неготин, Србија.
На следното рочиште се очекува да сведочи Радослав Драгијевиќ, татко на еден од обвинетите, кој првично беше осомничен за помагање во прикривањето на делото, но постапката против него беше запрена.
Особено внимание во досегашниот тек на судењето привлекоа тврдењата на обвинетите дека нивните првични признанија биле изнудени со физичко насилство и закани од полициски службеници.
Драгијевиќ пред судот изјавил дека полицајците му сугерирале што да каже за наводното убиство на девојчето. И двајцата обвинети сега ја негираат вината и тврдат дека воопшто не ја виделе Данка на денот на нејзиното исчезнување.
Обвинителството го темели обвинението врз видеоснимки, ГПС-податоци, вештачења, сведочења и претходните признанија на обвинетите.
Одбраната, пак, тврди дека не постојат биолошки или ДНК-траги што ги поврзуваат обвинетите со девојчето и бара нивните првични признанија да бидат изземени како незаконски докази.
Во меѓувреме, седуммина полицајци од Бор биле уапсени под сомнение за малтретирање и тортура на осомничените, додека осуммина полицајци биле уапсени под сомнение за смртта на Далибор Драгијевиќ, брат на обвинетиот Дејан.
Пред судот сведочеа и родителите на Данка, како и повеќе граѓани кои пријавиле дека виделе девојче во близина на местото на исчезнувањето.
Случајот со малата Данка, која исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, и понатаму предизвикува огромно внимание во регионалната јавност, додека судската постапка продолжува.








