Силно невреме проследено со пороен дожд и бурни налети на ветер предизвика сериозни проблеми во Словенија и на хрватскиот дел од Јадранот. Поплавени се домови и деловни објекти во повеќе словенечки региони, а на морето силниот ветер и брановите исфрлија десетици бродови и јахти на брегот.
Најпогодено било подрачјето на Крањ, каде до раните утрински часови биле регистрирани 33 интервенции. Водата навлегла во куќи, подруми и деловни простории, додека силниот ветер корнел дрвја и оштетувал покриви. Пожарникарите испумпувале вода, обезбедувале оштетени објекти и ги расчистувале патиштата.
Проблеми имало и во општините Горења Вас – Пољане, Накло, како и во Корошка, каде што интервенирале екипи во Словењ Градец, Дравоград, Мислиња и Превале. Спасувачките служби работеле и во Подравскиот регион и Штаерска.
Според досегашните информации, во Словенија нема повредени лица, но невремето предизвикало материјална штета на повеќе станбени и други објекти.
Невремето било дел од силен атмосферски систем кој се формирал над северна Италија и се движел кон југоисток. Во текот на ноќта го зафатил словенечкото Приморје, а потоа се проширил кон Истра и северниот Јадран.
Словенечката Агенција за животна средина претходно предупреди на можност од локално силни бури, интензивни врнежи, град и силен ветер.
Во исто време, во хрватските води се одвивала драматична спасувачка акција. Дванаесет наутички милји јужно од ’Ртот Камењак, спасувачите пронашле тројца австриски државјани откако нивната едрилица била оштетена во бурата.
Националниот центар за координација на поморско пребарување и спасување во Риека добил повик во 4:44 часот. Поради силниот ветер и брановите, комуникацијата со екипажот била отежната, но во акцијата се вклучиле Капетанијата во Пула, полицијата и Крајбрежната стража.
Во 6:48 часот тројцата Австријци биле пронајдени неповредени на спасувачки сплав покрај оштетената едрилица. Тие биле пренесени во Пула, а за пловилото било организирано влечење до безбедно пристаниште.
Бурата предизвикала проблеми и околу островите Уније, Сушак и Лошињ, каде силните налети на ветер и брановите откинале повеќе пловила од сидрата и исфрлиле десетици бродови и јахти на брегот.
Капетанијата во Мали Лошињ соопшти дека нема повредени лица и дека не е забележано загадување на морето. За дел од насуканите пловила е обезбедена помош, додека останатите ќе треба да бидат отстранети од сопствениците и чартер-компаниите.
Хрватскиот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување за делови од земјата поради можни силни грмотевици, интензивни врнежи и привремено силен ветер.
Надлежните служби продолжуваат со расчистување на последиците и проценка на материјалната штета, а граѓаните и сопствениците на пловила се предупредуваат на можност од нови локални невремиња.






