ПРВ.мк
Балкан

Најлошите стравувања се потврдија: Две тела пронајдени во урнатиот авион на Велебит

Најлошите стравувања се потврдија: Две тела пронајдени во урнатиот авион на Велебит

Трагично заврши големата потрага по ултралесниот авион кој исчезна од радарите над Велебит во Хрватска. Спасувачките екипи ги пронашле остатоците од леталото, а во него и телата на две лица.

Авионот бил лоциран синоќа околу 22 часот во тешко пристапен дел од Националниот парк Пакленица, по повеќечасовна операција во која учествувале околу 35 припадници на Хрватската планинска спасувачка служба.

Спасувачите преку радиоврска потврдиле дека пристигнале до местото на несреќата и дека, за жал, во леталото биле пронајдени две безживотни тела.

Авионот со регистрација D-KWZE летал од Чешка кон Задар, а Хрватската контрола на воздушниот сообраќај го изгубила контактот со него во 16:14 часот. Последниот сигнал бил регистриран на околу 17 наутички милји североисточно од Задар.

Потрагата се одвивала во исклучително тешки услови и на непристапен планински терен.

Во моментот не е позната точната причина за падот. Од спасувачката служба потврдиле дека временските услови во регионот биле лоши, но не сакале да шпекулираат дали силното невреме било причина за трагедијата.

Надлежните служби треба дополнително да ги утврдат сите околности под кои дошло до падот на авионот.