Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека светот влегува во период на уште поголеми конфликти и оцени дека брзо постигнување мир, особено кога станува збор за војната во Украина, во моментов не изгледа реално.
Во интервју за подкастот „MD MEETS“ на Матијас Депфнер, Вучиќ изјави дека стравува оти актуелните судири би можеле дополнително да се прошират.
„На почетокот сме на поголема војна“
Вучиќ оцени дека меѓународната заедница досега не успеала да најде решение кое би довело до прекин на конфликтите.
„Мислам дека сме на почетокот на поголема војна. Затоа се надевав дека некој досега ќе направи нешто за да воспостави мир. Тоа не се случи, ниту пак ќе се случи наскоро“, изјави српскиот претседател.
Кога станува збор за Украина, Вучиќ смета дека војната најверојатно нема да заврши во текот на оваа година, а според неговата проценка, конфликтот би можел да продолжи и по следната пролет.
Повика на компромис и прекин на огнот
Според Вучиќ, еден од главните проблеми е тоа што во моментов страните настојуваат да извојуваат победа, наместо да бараат компромисно решение.
„Не ни треба пораз на која било страна, туку компромис“, порача тој, повикувајќи на прекин на огнот и дипломатски разговори.
Тој посочи и дека Русија е нуклеарна сила, поради што не верува дека сценарио за нејзин целосен пораз може лесно да се оствари.
САД и Кина ќе останат главни сили
Вучиќ зборуваше и за идниот распоред на глобалната моќ. Според неговата проценка, САД и Кина ќе останат двата најголеми светски центри на моќ, додека Европската Унија има можност да се позиционира како трет голем столб.
Меѓу останатите држави со значително глобално и регионално влијание ги издвои Русија, Индија, Турција, Пакистан и Саудиска Арабија.
„Го избравме српското столче“
Осврнувајќи се на надворешната политика на Белград, Вучиќ порача дека Србија нема намера да биде ничија марионета и дека одлуките ќе ги носи во согласност со сопствените државни интереси.
Тој истовремено нагласи дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Србија, но дека Белград сака да ги задржи традиционалните односи со Русија и да ги развива односите со Украина и европските партнери.
„Сите велеа дека имаме премногу столчиња и дека мора да избереме едно. Да, го избравме. Тоа е српското столче“, порача Вучиќ.
Неговите изјави доаѓаат во период на силни геополитички тензии, а српскиот претседател смета дека наместо брзо смирување, светот би можел да се соочи со уште потежок и понеизвесен период.









