ПРВ.мк
Балкан

Метеоролозите предупредуваат: Најлошото допрва доаѓа, Европа ја чека пеколен август

Метеоролозите предупредуваат: Најлошото допрва доаѓа, Европа ја чека пеколен август

Европа се соочува со продолжување на екстремно топлото и сушно лето, а метеоролозите предупредуваат дека високите температури и недостигот на врнежи би можеле да потраат и во текот на август.

Полјопривредниот метеоролог и ловец на бури Серж Зака предупредува дека третиот топлотен бран доаѓа во услови на сериозно исушено земјиште, што дополнително ги влошува условите за луѓето, животните и земјоделските култури.

Според него, во голем дел од Франција почвата е речиси целосно исушена, а во горните 30 сантиметри речиси и да нема влага.

Француските метеоролози очекуваат овие услови да продолжат најмалку до средината на јули, без значително заладување и без пообилни врнежи.

Слични проценки има и за Централна Европа. Швајцарскиот метеоролог Јерг Кахелман, повикувајќи се на сезонските прогнози на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF), предупредува дека јули и август би можеле да бидат значително потопли од вообичаеното.

Во Австрија, и покрај краткотрајното освежување, се очекува температурите да останат од два до четири степени над долгорочниот просек.

Во поголемиот дел од Европа се прогнозира и недостаток на врнежи, додека нешто поповолни услови се очекуваат само во делови од Италија, Грција и источниот брег на Црното Море.

Експертите предупредуваат дека долготрајните топлотни бранови веќе влијаат врз здравјето на населението, со зголемен број интервенции на итните медицински служби, а ваквите екстремни временски појави, според нив, стануваат сè почести како последица на климатските промени.