Необична протестна акција започна пред Народното собрание на Бугарија, каде што доброволци ќе се менуваат и деноноќно ќе престојуваат во кафез во рамки на иницијативата „Недели во кафез“.
Акцијата ја организира здружението „Невидливи животни“, а ќе трае до 6 октомври. Организаторите велат дека целта е повторно да ги потсетат бугарските пратеници на ветувањата дадени пред изборите во врска со прекинот на практиката на одгледување новородени телиња во индивидуални изолациски кафези.
Во период од две недели, околу 200 доброволци ќе се менуваат во 12-часовни смени. На тој начин, во секој момент пред зградата на парламентот ќе има лице кое ќе престојува во кафезот и ќе ја претставува протестната порака.
Коосновачот и претседател на организацијата „Невидливи животни“, Стефан Димитров, објасни дека протестот е насочен кон практиката при која телињата веднаш по раѓањето се одвојуваат од мајките и се сместуваат во тесни индивидуални изолациски кафези.
Според него, животните во такви услови практично не можат слободно да се движат со месеци. Димитров смета дека оваа практика претставува суровост која, како што вели, не треба да има место во современото општество.
Од организацијата потсетуваат дека во јуни во бугарското Народно собрание била доставена петиција со повеќе од 150.000 потписи, со која се бара прекин на ваквиот начин на одгледување.
Димитров истакна и дека пред изборите околу една петтина од пратениците во парламентот, односно приближно 50 народни претставници, се обврзале дека ќе ја поддржат иницијативата доколку бидат избрани.
Според него, приближно половина од пратениците кои го дале ветувањето денес се дел од владејачкото мнозинство. Сепак, тој посочува дека досега не е поднесен предлог-закон со кој би се прекинала спорната практика.
Токму поради тоа, организаторите најавуваат дека протестот ќе продолжи непрекинато во текот на најмалку две недели. Доброволците ќе се менуваат во 12-часовни смени, вклучително и во текот на ноќта и при ниски температури, со цел да испратат порака до пратениците дека очекуваат да постапат во согласност со ветувањата што ги дале.
Од „Невидливи животни“ дополнително се повикуваат на национално репрезентативно истражување на „Маркет Линкс“, спроведено во март, според кое 82 проценти од испитаниците поддржале прекин на практиката на индивидуално изолирање на телињата.










