ПРВ.мк
Балкан

Лекарка доби голема отштета за професионално согорување

Лекарка доби голема отштета за професионално согорување

Грчки суд донесе историска одлука, со која на лекарка ѝ беше доделена отштета од 20.000 евра поради последиците што ги претрпела од долготрајна прекумерна работа и таканареченото професионално согорување.

Станува збор за Елена Јоаниду, специјалист по интерна медицина, која работела во болницата во Ретимно на островот Крит. Таа ја напуштила својата работа во јануари 2023 година, откако, како што навела, подолг период укажувала на сериозен недостиг од медицински персонал, исцрпувачки работни распореди и преголем обем на обврски.

По заминувањето, Јоаниду покренала судска постапка против болницата, барајќи надомест за 180 дена неискористен годишен одмор, како и обесштетување за штетата што, според неа, ја претрпела поради работните услови.

Откако претходно ѝ бил исплатен надоместокот за неискористениот одмор, Управниот суд во Ханија на 26 јуни донел нова пресуда со која ѝ доделил дополнителни 20.000 евра.

Во образложението, судот оценил дека долгогодишната изложеност на прекумерна работа негативно влијаела врз нејзиното физичко и психичко здравје, предизвикувајќи состојба на постојана исцрпеност.

Според грчките медиуми, ова е првата судска пресуда во Грција со која официјално се признава и се доделува отштета поради професионално согорување (burnout), што може да претставува значаен преседан и за идни слични случаи.