Вистинска драма се случила на лет на авиокомпанијата „Рајанер“, кога патник од Србија доживеал трауматично искуство на височина од околу 6.000 метри, откако прозорецот до неговото седиште ненадејно се оштетил и предизвикал опасна ситуација во авионот.
Љубиша Каровиќ (61) од Србија тврди дека за малку ќе излетал од леталото за време на летот FR1879 од Солун до Меминген, откако дошло до ненадејна експлозија на прозорецот покрај неговото седиште.
Инцидентот се случил пред околу две недели, додека Каровиќ спиел. Според неговото сведоштво, по оштетувањето на прозорецот дошло до нагло намалување на притисокот во кабината, по што тој бил повлечен кон отворот.
Во критичниот момент, најважна била реакцијата на неговата сопруга Светлана и другите патници, кои веднаш притрчале да помогнат и му ги држеле нозете за да го спречат неговото целосно извлекување од авионот.
Според неговата сопруга, реакцијата на екипажот не била онаква каква што очекувале во таква опасна ситуација.
„Изгледаа поисплашени од нас. Само патниците помогнаа, тие беа храбри“, изјавила Светлана.
Каровиќ во инцидентот се здобил со повреди, меѓу кои изгореници од триење, модринки на раката и градниот кош, а по случувањето изгубил свест.
„Сето ова е како кошмар. Не можам да спијам. Штом ги затворам очите, ја слушам експлозијата“, раскажал тој, опишувајќи ја траумата што ја доживеал.
По настанот, пилотот одлучил веднаш да го прекине летот и авионот да се врати назад во Солун. По слетувањето, Каровиќ бил пренесен со возило на Итната медицинска помош.
Сепак, според неговите зборови, најголемото разочарување дошло по инцидентот. Тој тврди дека и по две недели никој лично од „Рајанер“ не го контактирал за да покаже загриженост или да понуди конкретна помош.
Наместо тоа, како што вели, добиле само електронска порака испратена до неговиот син, кој ги резервирал билетите, со прашање дали сакаат нов лет и како е неговата состојба.
„Никој не ме повика да покаже дека се грижи“, изјавил Каровиќ.
Поради целиот случај, Србинот ангажирал адвокат и најавил дека преку грчкиот адвокат Василис Цијарас ќе бара соодветна отштета. Случајот веќе го разгледува и американскиот Национален одбор за безбедност во транспортот (NTSB).
Од авиокомпанијата „Рајанер“ засега не сакаат дополнително да го коментираат случајот додека трае истрагата, но наведуваат дека екипажот постапил професионално и ја завршил својата работа во текот на инцидентот.








