Албанската влада усвои пакет мерки за справување со насилството за време на протестите, со кои се предвидуваат парични казни до 500.000 леки, односно околу 5.500 евра. Највисоката казна ќе му биде изречена на лицето кое нема да ја почитува полициската наредба за растурање на собирот, а притоа ќе го прикрива и својот идентитет. За останатите прекршоци се предвидени пониски парични санкции.
Самото прикривање на идентитетот ќе се казнува со глоба од 10.000 до 100.000 леки. Сепак, регулативата предвидува исклучоци во случаи кога покривањето на лицето е оправдано од здравствени или религиозни причини, како и кога е неопходно за извршување професионални обврски, меѓу кои новинарска работа или обезбедување медицинска нега.
Со новите правила, полицијата ќе добие овластување привремено да забрани или да ограничи одржување собири во близина на образовни, здравствени и државни институции, доколку постои реален, сериозен и непосреден ризик од насилство или предизвикување голема материјална штета.
Ваквото ограничување може да трае најмногу 72 часа, со можност да биде продолжено уште еднаш.
Мерките се однесуваат и на содржините што повикуваат на насилство на социјалните мрежи. Во такви случаи, полицијата ќе може да побара отстранување на објавата. Доколку содржината не биде отстранета или истото дејство се повтори, надлежните органи ќе можат да преземат соодветни мерки согласно важечките закони.
Покрај санкциите за учесниците во насилни протести, владата најави и државна отштета за малите бизниси кои претрпеле штета поради вандализам, грабежи или палење за време на демонстрациите.
Пакетот предвидува и формирање посебен електронски регистар во кој ќе бидат евидентирани лицата упатени до обвинителството или оние против кои се води истрага за насилни кривични дела извршени на јавни собири.
Новите мерки стапија на сила веднаш, но за да продолжат да важат, мора да бидат ратификувани од албанскиот парламент во рок од 45 дена.
Антивладините протести во Тирана траат со месеци
Во албанската престолнина Тирана веќе неколку месеци се одржуваат антивладини протести. Движењето започнало со мирни собири против проектот за изградба на луксузен хотел во заштитено природно подрачје. Проектот е поддржан од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Кон средината на октомври, протестите добиле пошироки размери, а на нив се приклучиле и студентите со барања поврзани со корупцијата, проблемите во здравствениот систем и недостигот на перспективи за младите луѓе во земјата.
Албанскиот премиер Еди Рама ги обвини „странските актери“ за насилството што се случува за време на демонстрациите. Тој ги посочи Русија и Иран, обвинувајќи ги за ширење дезинформации на интернет, а истовремено упати и повик за дијалог.







