Скандал во Бугарија: Обезбедувач турна новинарка на земја, случајот предизвика жестоки реакции
Сериозен инцидент во Софија предизвика политички скандал, откако припадник на бугарската Национална служба за обезбедување (НСО) ја турна новинарката Соња Колтуклиева, која падна на тротоарот пред седиштето на партијата „Прогресивна Бугарија“.
Инцидентот се случил во четвртокот вечерта, на 22 октомври, додека новинарката се обидувала да ѝ постави прашање на претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова.
На видеоснимката, која брзо се прошири на социјалните мрежи, се гледа како Колтуклиева ја отвора вратата на службениот автомобил во кој се наоѓала Доцова.
Во тој момент интервенира припадник на обезбедувањето, кој силно ја турка новинарката, по што таа паѓа на земјата.
Службениот автомобил го напуштил местото, додека новинарката останала да лежи на тротоарот.
Колтуклиева била пренесена во Военомедицинската академија во Софија, каде што ѝ биле направени прегледи, по што била пуштена на домашно лекување.
Таа подоцна изјавила дека при падот добила повреда на рамото и дека лекарите утврдиле скршеница.
Случајот предизвика остри реакции кај повеќе бугарски политички партии, кои побараа одговорност и оставка од претседателката на парламентот.
Бугарската Национална служба за обезбедување отвори итна истрага, а за инцидентот беше известено и Военото обвинителство.
Според најновите информации од бугарските медиуми, обезбедувачот бил приведен по сослушувањето, а против него била започната предистражна постапка.
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, го осуди инцидентот и побара целосно расветлување на околностите.
Случајот повторно го отвори прашањето за границите на употребата на сила од страна на државното обезбедување и заштитата на новинарите при извршување на нивната работа.










