Повеќе од пет тони марихуана биле пренесувани од Македонија во Србија преку добро организиран синџир во кој биле користени камиони со легално декларирана стока, патнички возила и магацини од двете страни на границата, покажуваат судски документи до кои дошол БИРН.РС.
Според пресуда на Основниот кривичен суд во Скопје, донесена по спогодба за признавање вина, еден од обвинетите признал дека учествувал во транспортот на големи количини марихуана и бил осуден на три години и шест месеци затвор. Друго лице добило казна од три години и осум месеци.
Случајот почнал да се расплетува во јануари, кога во Србија се запалила приколка на камион кој само неколку часа претходно ја минал македонско-српската граница. Според документите, камионот официјално превезувал текстил за Велика Британија, но истрагата покажала дека претходно во него била натоварена голема количина марихуана.
Приколката, според судските наоди, била намерно запалена за да се прикријат трагите од транспортот и исчезнувањето на легално декларираната стока.
Повеќе од 4,9 тони пронајдени кај Крушевац
Само две недели подоцна српската полиција во објекти во близина на Крушевац пронашла повеќе од 4,9 тони марихуана, додека дел од пратката веќе бил пренесен кон Белград.
Според БИРН.РС, на едниот крај од синџирот била скопска компанија со дозвола за одгледување и преработка на канабис за медицински цели, а на другиот магацин во Србија.
Судските документи покажуваат дека во ноември 2025 година скопската компанија набавила повеќе од 8,8 тони сув цвет од канабис од фирма од Струмица. Марихуаната била складирана во Скопје, а потоа била пакувана во двојни вакуумски пакувања од по еден килограм и ставана во картонски кутии.
На 13 јануари кутиите биле пренесени во околината на Свети Николе, каде бил подготвен камион со легално оцаринета стока и царинска пломба.
Според пресудата, пломбата била отворена, дел од легалната стока бил изваден, а на нејзино место биле натоварени кутиите со марихуана. Во документите, сепак, не е објаснето како пломбата била отстранета и повторно поставена.
Камионот непосредно пред полноќ ја минал границата и продолжил кон Србија, а за време на патувањето во повеќе наврати бил исклучуван неговиот GPS-систем.
Рано наутро пристигнал во близина на Крушевац, каде дрогата била истоварена во магацин.
Истата шема се повторувала и претходно
Според судската документација, јануарската пратка не била единствена. Сличен модел бил користен најмалку четири пати во текот на 2025 година.
Во еден случај камион кој бил пријавен како празен по враќањето бил полесен за повеќе од 1,2 тон. Кај друг транспорт на прехранбени производи била забележана разлика од околу 640 килограми меѓу тежината при царинењето и онаа измерена при излезот од Македонија.
Други транспорти биле декларирани како пратки со перници и јоргани, а и кај нив биле забележани разлики во тежината и задржувања на исти локации во Србија.
По големата заплена, македонската полиција при претрес на скопската фирма пронашла уште околу 9,6 тони сув цвет од канабис, како и големи количини непрочистен екстракт од масло од канабис.
Во Србија во јули било поднесено обвинение против шест лица, додека во Македонија истрагата била проширена со уште седум осомничени.
Случајот отвора едно од клучните прашања – како толкави количини марихуана во повеќе наврати успевале да ја минат државната граница? Од достапната судска документација не може да се утврди дали истрагата опфатила евентуална помош од царински службеници, политички контакти или други лица од државниот апарат.







