ПРВ.мк
Балкан

Итни мерки поради сушата: Забрането полнење базени, миење автомобили и полевање градини

Итни мерки поради сушата: Забрането полнење базени, миење автомобили и полевање градини

Поради продолжениот сушен период и значителното намалување на нивото на реките, властите во Нови Пазар воведоа итни мерки за ограничување на ненаменското и нерационалното користење вода од градскиот водовод.

Градскиот совет ја донел одлуката со цел да се обезбеди стабилно и континуирано снабдување со вода за населението во услови на суша и намалени водни ресурси.

Со мерките се забранува користење вода од градскиот водовод за полевање градини, бавчи, тревници и други зелени површини. Забрането е и миење улици, тротоари, дворови, тераси и фасади.

Граѓаните нема да смеат да ги полнат или дополнуваат приватните базени со вода од водоводната мрежа, ниту да мијат автомобили и механизација. Исклучок се овластените автопералници.

Забрането е и секое друго непотребно или неконтролирано истекување вода од водоводната мрежа.

Спроведувањето на мерките ќе го контролираат инспекциските служби и комуналната полиција, а за оние што нема да ги почитуваат забраните се предвидени парични казни.

Од локалната самоуправа апелираат граѓаните рационално да ја користат водата и во овој период да ја употребуваат првенствено за основните животни и хигиенски потреби.

Мерките доаѓаат во период кога сушата и високите температури создаваат сè поголем притисок врз водните ресурси во регионот.